Астронаутот Мајкл Финк доживеал необичен здравствен инцидент на Меѓународната вселенска станица, при што привремено ја изгубил способноста за говор. Настанот, кој самиот го опишува како сосема ненадеен, претставува потсетник дека долготрајниот престој во вселената носи ризици кои сè уште не се целосно разјаснети.
Во ноќта на 2 април, според европско време, од Лансирачкиот комплекс 39B на Флорида беше лансирана мисијата Artemis II – првата мисија со екипаж кон Месечината по повеќе од половина век, од времето на Apollo 13. Главната цел е тестирање на системите за одржување на живот на вселенското летало Orion во реални услови. Летот ќе трае околу 10 дена и ќе вклучува прелет покрај Месечината, отворајќи го патот за идните мисии Artemis III и Artemis IV, од кои една повторно ќе испрати луѓе на нејзината површина.
Екипажот на мисијата го сочинуваат Рид Вајзмен како командант, Виктор Гловер како пилот, како и специјалистите Кристина Кук и Џереми Хенсен. Мисијата има и историско значење, бидејќи за првпат жена и неамерикански астронаут ќе патуваат кон друго небесно тело, а воедно ова ќе биде и најоддалечениот човечки лет од Земјата досега.
Програмата Artemis првично беше замислена како постепен процес, почнувајќи со Artemis I како тест без екипаж, па сè до идните мисии со слетување. Сепак, поради технички одложувања, администраторот на НАСА, Џаред Ајзекмен, најави дека слетување на Месечината се очекува дури во 2028 година.
Особено внимание привлекува инцидентот со Финк, кој се случил во јануари 2026 година. Тој одеднаш ја изгубил способноста за говор без претходни симптоми, а состојбата траела околу 20 минути. Немало болка, ниту задушување, а лекарите исклучиле срцев удар. „Беше како многу брз удар од молња“, изјави тој. Екипажот веднаш реагирал и побарал медицинска помош од Земјата, а случајот довел и до првата медицинска евакуација од МВС. Иако точната причина останува непозната, се разгледува можноста дека состојбата е поврзана со долготрајната бестежинска состојба, имајќи предвид дека Финк има поминато вкупно 549 дена во вселената.
За да се намалат ризиците, мисијата користи таканаречена траекторија на слободно враќање, која овозможува леталото безбедно да се врати на Земјата дури и во случај на дефект. Овој пристап е развиен врз основа на искуствата од Apollo 8, кога ризиците биле значително поголеми.
Еден од најголемите предизвици останува враќањето во атмосферата, кога вселенското летало достигнува температури до 2.760 степени Целзиусови. Поради претходни оштетувања забележани кај Artemis I, инженерите дополнително го унапредија топлинскиот штит на Orion, кој игра клучна улога во безбедноста на екипажот.
И покрај големиот напредок и амбициите за враќање на човекот на Месечината, инцидентот со Мајкл Финк уште еднаш потсетува дека вселената останува непредвидлива и дека секоја нова мисија носи нови предизвици, особено кога станува збор за човечкото здравје во екстремни услови.









