Европа размислува за построги правила за пристап на малолетници до социјалните мрежи
Франција и Шпанија ја поддржаа иницијативата на Грција за построга регулација на пристапот на малолетници до социјалните мрежи. Европските министри за дигитална технологија ќе дискутираат за предлогот во јуни, а клучниот фокус е заштитата на децата од прекумерна изложеност на штетни дигитални содржини.
Предлогот предвидува воведување на концепт на „дигитално полнолетство“, со минимална возраст од 15 години за пристап до апликации како TikTok, Instagram и Snapchat. Планирано е и задолжително вградување на системи за верификација на возраста и родителска контрола на сите уреди, со цел да се намали влијанието на алгоритмите што поттикнуваат зависност.
„Заштитата на децата онлајн ќе биде приоритет за данското претседателство со ЕУ“, изјави данската министерка Каролин Стаге Олсен.
Франција веќе во 2023 година усвои закон за забрана на пристап до социјалните мрежи за деца под 15 години, но тој сè уште не се спроведува. Премиерот на Грција, Киријакос Мицотакис, предупредува дека целосната забрана не е ефикасна и дека напорите треба да се насочат кон реална контрола на возраста и отстранување на дизајнерските елементи што создаваат зависност.
И Австралија најави дека ќе воведе минимална возраст од 16 години за пристап до одредени интернет-платформи до крајот на годинава, додека американската сојузна држава Тексас подготвува сопствен закон за ограничување на пристапот на малолетници до социјалните медиуми.