Квалитетот на Wi-Fi сигналот може значително да биде нарушен од материјалите и предметите во домот, предупредуваат експерти.
Најголемо влијание имаат масивни ѕидови од армиран бетон и цигла, кои ја ослабуваат јачината на сигналот и можат да создадат „мртви зони“ во станот.
Посебно внимание се посветува и на огледалата. Поради тенкиот метален слој на задната страна (алуминиум или сребро), тие не само што ја рефлектираат светлината, туку и Wi-Fi брановите. Кога рутерот е поставен во близина на големо огледало, сигналот се одбива и расејува, што може да доведе до намалување на јачината дури и до 50%.
Проблем прават и други предмети во домот: големи метални апарати како фрижидери, рерни и машини за садови, како и микробранови печки кои работат на слична фреквенција со Wi-Fi сигналот. Дури и водата, како во аквариуми или цевки во ѕидовите, може да го ослаби сигналот.
Експертите затоа советуваат рутерот да се постави на отворено место, подалеку од метални површини, електрични уреди и дебели ѕидови, за да се обезбеди подобра покриеност и постабилна интернет конекција.









