Жителите на скопската населба Ченто секое утро се будат во три часот наутро за да наполнат кофи вода, со цел да можат да функционираат нормално во текот на горештините. Проблемите со водоснабдувањето траат цела година, но од мај месец состојбата се влоши – преку ден воопшто немаат вода, а притисокот се враќа само навечер.
Албина Боневска, мајка на три деца која живее на последен кат, со болка ја опиша секојдневната борба: „Навивам аларм во три наутро за да наполнam вода и да можам утрината да ги избањам децата. Понекогаш воопшто нема вода, па мораме да одиме во други населби за да се снабдиме – ова е срамота во 21 век.“
Слични проблеми имаат и други жители од улицата Методија Андонов Ченто, кои упорно се обраќаат кон општината и надлежните институции, но без никаква конкретна помош. „Ова ни е трета петиција до општината, но никој не ни дал ни надеж, ни решение“, велат тие.
Од ЈП Водовод и канализација објаснуваат дека растечките температури и злоупотребата на водата – користењето за полнење базени, наводнување и разладување – го отежнуваат снабдувањето и доведуваат до слабо или прекинато водоснабдување.
Сепак, додека граѓаните чекаат на теренски проверки од екипите на водоводот, институциите не излегуваат со конкретен план, а луѓето во Ченто се приморани да се снаоѓаат во екот на летните горештини, оставајќи ги без една од најосновните човечки потреби – водата.