Вистинска драма се одвивала во Штип кога 47-годишна жена, додека го чистела станот на нејзиниот починат татко, пронашла рачна бомба скриена меѓу неговите стари работи.
Настанот се случил на 21 јули 2025 година, околу 15:10 часот, кога штипјанката Е.З. пријавила во СВР Штип дека додека средувала и расчистувала поради смртта на нејзиниот родител, неочекувано наишла на опасно експлозивно средство – рачна офанзивна бомба.
Информацијата е потврдена и во полицискиот билтен, каде се наведува дека по пријавата, веднаш биле преземени мерки за безбедно отстранување на пронајдената бомба.
На местото на настанот пристигнал пиротехничар од Дирекцијата за заштита и спасување, кој успешно и безбедно ја подигнал и обезбедил бомбата, со што е спречен можен инцидент со сериозни последици.
За случајот бил веднаш информиран и јавен обвинител, а се очекува да се утврдат и дополнителни околности – како и зошто се нашло такво опасно средство во приватен стан.