Од денес официјално започна седумдневната работна акција за подобрување на хигиената долж магистралните и регионалните патишта низ целата држава, која ќе трае до 22 јули 2026 година. Акцијата се реализира во соработка помеѓу Управата за извршување на санкциите и ЈП „Македонија Пат“, согласно потпишаниот Меморандум за соработка за работно ангажирање на осудени лица.


На почетокот на активностите увид на терен извршија заменик-директорот на ЈП „Македонија Пат“, Александар Шуковски, како и претставници од Кабинетот на директорот на Управата за извршување на санкциите, Александар Пандов.



Во акцијата се вклучени осудени лица од повеќе казнено-поправни установи, меѓу кои затворите во Идризово, Штип, Прилеп, Куманово, Битола, Скопје, Гевгелија, Струмица и Струга. Работните активности се одвиваат во непосредна близина на установите каде што тие ја издржуваат казната, при што целиот процес се реализира под постојан надзор на затворската полиција.



Со оваа иницијатива се придонесува за почиста животна средина, подобар изглед на патната инфраструктура и поголема општествена одговорност преку работно ангажирање на осудените лица.







