Вториот ден од функционирањето на системот „Безбеден град“ веќе покажува одредени промени во сообраќајот, но клучното прашање останува дали овие резултати ќе доведат до трајна промена на однесувањето на возачите или сè ќе се врати на старо.
Дел од граѓаните велат дека се забележува поголема дисциплина на улиците и изразуваат задоволство од првичните ефекти на системот. Очекувањата се дека со континуирана примена, „Безбеден град“ ќе придонесе кон постепено подобрување на сообраќајната култура во земјава.
Од Владата информираат дека само првиот ден од стартот на системот биле регистрирани околу 500 сообраќајни прекршоци. Најдрастичниот случај е евидентиран на патот Битола – Маково, каде 22-годишен возач управувал возило со брзина од речиси 140 километри на час, иако дозволената брзина на таа делница е само 60 километри на час.
Надлежните институции очекуваат дека со целосното активирање на системот ќе се намали бројот на сообраќајни прекршоци, а со тоа и бројот на сообраќајни несреќи и жртви.
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, посочи дека досегашните мерки веќе даваат резултати:
„Вие сте тие што го намаливте бројот на повредени лица во сообраќајни незгоди за околу 35 проценти на територијата на СВР Скопје и вие сте тие што го намаливте бројот на смртни случаи од 11 на 4.“
Од вчера, опомените што ги испраќаше МВР во пробниот период се заменети со реални казни. Системот автоматски санкционира непрописно паркирање, пречекорување на брзината, поминување на црвено светло и управување на возило со неважечка регистрација.
Казните се движат во следните рамки:
- за пречекорување на брзината: од 10 до 300 евра,
- за поминување на црвено светло: 250 евра,
- за непрописно запирање и паркирање: од 25 до 180 евра,
- за управување возило со неважечка регистрација: 500 евра.
Најниската казна што може да се изрече изнесува 15 евра, додека највисоката достигнува 500 евра, што јасно укажува дека толеранцијата за прекршување на сообраќајните правила значително се намалува.
















