Времето во земјава денеска носи вистинско изненадување – зимата ја претрка есента. Очекувајте променливо облачно и студено време со повремени врнежи од дожд, а на повисоките места дождот ќе се меша со снег, додека на планините ќе има периоди со посилен снег. Северниот ветер ќе дува со умерен до засилен интензитет, дополнително засилувајќи го впечатокот на студ. Минималните температури ќе се движат од 2 до 7 степени, додека максималните ќе бидат меѓу 4 и 11 степени.
Во Скопје ситуацијата ќе биде слична – облачно и студено, со дожд кој на повисоките делови од котлината ќе преминува во снег. Засилен северен ветер ќе дува во текот на целиот ден. Температурите ќе се движат од минимални 3 степени до максимални 7 степени.
Метеоролозите предупредуваат дека земјава е под влијание на циклонска активност што носи студен бран од северна Европа. Во наредните денови на многу места се очекуваат над 50 литри дожд на метар квадратен, а врнежите на планините веќе преминуваат во снег со формирање значителна снежна покривка. Со понатамошното навлегување на студен воздух, можно е и повисоките населени места да добијат снег.
За време на викендот прогнозите најавуваат стабилизирање на времето, но утринските температури ќе бидат многу ниски, додека дневните ќе бележат благ пораст. Овој развој на временските прилики јасно покажува дека зимата оваа година пристигна порано од очекуваното.








