Министерот за здравство Арбен Таравари во неговата последна изјава посочи дека на клиниките во Скопје остануваат уште 14 пациенти кои што се лекуваат од повредите во пожарот во Кочани, додека на лекување во странство остануваат 91 пациент.
На прашањето за отварање на Центар за изгореници посочи дека разговарале со директорот на ГОБ „8 Септември“, Ковид центарот да биде пренаменет, но за тоа, вели, дополнително биле потребно човечки ресурси.
На Клиниката за токсикологија, додаде министерот, има шест пациенти, двајца се на пластична хирургија , шест во стара Градска болница, пет во „8 Септември“ и тројца во приватната болница „Систина“.
Директорот на Клиниката за токсикологија Андон Чибишев појасни дека шесте пациенти кои се на Клиниката во моментот се оние кои се вратија од лекување во странство и оти кај сите токсиколошките анализи биле во референтни вредности.
Во несреќата во дискотеката во Кочани, според првичните информации од Општина Штип, загинати се пет лица од оваа општина од кои три деца.
Финансиска проценка за тоа колку ќе чини процесот на лекување на пациентите во странство Министерството немало, но Таравари нагласи дека пациентите нема да платат ниту еден денар. Деведесет и девет отсто од трошоците, според него, се покриени од државите кои им помогнале, а мал процент ќе покрие Фондот за здравство.
На 16 март во кочанската дискотека „Пулс“, во пожар загинаа 59 лица, а над 200 беа повредени и повеќе од половината беа испратени на лекувања во странски медицински центри.
Од 2016 година во државава не функционира Центарот за изгореници. Иако тој се уште фигурира на официјалната веб страница на Универзитетската клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ – Скопје, во пракса, не постои.