Коалицијата ВЛЕН најави историска инвестиција од дури 6 милијарди евра од страна на Обединетото Кралство, со што, како што велат од таму, започнува нова ера за развој и модернизација на Северна Македонија. Според ВЛЕН, оваа поддршка претставува јасен знак на доверба во новиот визионерски пристап на Владата и нејзините партнери.
Инвестицијата е дел од Стратешкото партнерство меѓу двете земји, а предвидува реализација на крупни инфраструктурни и здравствени проекти:
• Изградба на нов модерен болнички комплекс во Кичево, заедно со здравствен центар.
• Целосна реконструкција на Клиничката болница во Тетово, со цел зголемување на капацитетите и подобрување на квалитетот на услугите.
• Финализирање на клиничката болница во Штип и изградба на нов Медицински факултет според современи стандарди.
• Изградба на модерна брза железница од Табановце до Гевгелија, која ќе ја поврзе Северна Македонија со регионот и со Европа.
ВЛЕН нагласува дека нивната политичка платформа ќе обезбеди овие инвестиции да не останат само на хартија, туку правично да се распределат и во подрачјата каде што досега недостасувала реална грижа и вложување – особено во областите населени со Албанци.
„Ова е нашата визија за праведна, функционална и развиена држава, каде секој граѓанин, без разлика на потекло или регион, ќе ги почувствува придобивките од реформите и меѓународната поддршка“, стои во соопштението на ВЛЕН.
Од Липково до Струга, коалицијата ветува дека оваа историска можност ќе се претвори во реален напредок и подобар живот за сите граѓани.
„Иднината има име: ВЛЕН“, порачуваат од коалицијата.