Нова снимка од страотниот пожар што ноќеска ја проголта импровизираната дискотека „Пулс“ сместена во поранешен магацин за теписи во Кочани,
е објавена од Радио Кочани, а на неа се гледа како објектот гори, а луѓето се обидуваат да се спасат, додека на местото пристигнува првото противпожарно возило.
Според првичните и неофицијални информации, пожарот настанал кога пиротехнички средства, прскалки, биле запалени во близина на бината за време на настапот на групата ДНК. Во еден момент, се запалил таванот, кој бил направен од многу запалив материјал. Стихијата за само неколку минути го пеплосала објектот, а многу од луѓето кои биле внатре не стигнале да се спасат. Според последните информации, во катастрофалниот пожар загинаа 59 луѓе, а 155 се повредени. 18 од повредените се во критична состојба, соопштија здравствените власти.
Македонската влада во 16 часот на вонредна седница ќе прогласи седумдневна жалост во земјата поради трагедијата, која е најголема од ваков вид од осамостојувањето на државата.