ПРВ.мк
Македонија

ВЕТЕРOТ ГИ ОДНЕСЕ ДАЛЕКУ ОД БРЕГОТ: Езерската полиција спасуваше две девојки заглавени со СУП-даски на Охридското Езеро!

ВЕТЕРOТ ГИ ОДНЕСЕ ДАЛЕКУ ОД БРЕГОТ: Езерската полиција спасуваше две девојки заглавени со СУП-даски на Охридското Езеро!

Две млади девојки од Охрид биле спасени од екипите на езерската полиција, откако поради нагло влошување на временските услови останале заглавени во водите на Охридското Езеро и не можеле самостојно да се вратат кон брегот.

Според информациите од Министерството за внатрешни работи, случајот бил пријавен вчера околу 19:55 часот во Полициската станица за граничен надзор Охридско Езеро. Во пријавата било наведено дека две лица кои се движеле со СУП-даски се наоѓаат во опасност и бараат помош.

Девојките во тој момент биле на околу еден километар од брегот, спроти еден од автокамповите во Охрид, но поради силниот ветер и големите бранови биле однесени подалеку од планираната локација.

Полициските службеници веднаш започнале спасувачка акција и по потрагата ги пронашле девојките на околу два километри од брегот. Тие се обидувале да ја задржат рамнотежата на даските и да останат на површината додека чекале помош.

Станува збор за Е.С. (19) и И.А. (18), двете од Охрид. Според МВР, временските услови ненадејно се влошиле, а силниот ветер и високите бранови ги спречиле да се вратат назад со сопствени сили.

Двете девојки биле безбедно извлечени од водата и префрлени на полициски чамци, по што биле однесени во просториите на езерската полиција.

Од СВР Охрид и езерската полиција упатија апел до сите капачи и корисници на СУП-даски, педалинки и други пловни средства да бидат внимателни, да не се оддалечуваат од безбедносните зони и да ги следат препораките за движење по вода.

Надлежните потсетуваат дека временските услови на езеро можат брзо да се променат, а силниот ветер и брановите можат да создадат опасни ситуации дури и за оние кои имаат искуство со вакви активности.