Од почетокот на 2026 година, секое семејство во општина Гази Баба кое ќе добие новороденче ќе добие финансиска поддршка од 8.000 денари, соопшти градоначалникот Бобан Стефковски.
– Раѓањето на дете е најголемата радост, најсилната порака за иднината и момент кој го одредува животот на секое семејство. Како локална самоуправа, имаме обврска да бидеме поддршка во овој најважен период. Кога станав градоначалник во 2022 година, воведовме помош од 5.000 денари за секое новороденче, потоа ја зголемивме на 6.000 денари по изборната кампања, а сега, со внимателни анализи и одговорно управување со буџетот, помошта достигнува 8.000 денари – истакна Стефковски.
Тој нагласи дека ова не е само бројка, туку порака дека општината стои зад младите брачни парови, мајките и татковците, и дека секое ново дете е важен дел од иднината на Гази Баба.
Според градоначалникот, ваквите мерки имаат директно влијание врз зголемувањето на наталитетот, охрабрувајќи семејствата да донесат нов живот на светот. Повеќе деца значат повеќе радост во градинките, повеќе ученици во училиштата и посилна, пожива општина.

















