Израелецот Сем Вакнин, кој со години живее во Македонија и своевремено бил советник на поранешниот премиер Никола Груевски, се најде во центарот на сериозни обвинувања изнесени во документарниот филм „Прирачникот на нарцисот“.
Како што пренесува порталот „Коректив“, повеќе жени во документарецот и придружните поткасти го обвинуваат Вакнин за сексуална и психолошка злоупотреба, лажно претставување како психотерапевт и наплаќање скапи третмани.
Една жена од Русија тврди дека во текот на неколку години му исплатила околу 500.000 евра, вклучувајќи трошоци за сеанси, патувања, сместување и други потреби.
Според нејзиното сведочење, за време на таканаречената „ладна терапија“ била изложена на деградирачки постапки што ѝ предизвикале сериозни трауми.
Во документарецот се изнесуваат и други тешки обвинувања, вклучително и за сексуално насилство. Според авторите, три жени пријавиле случаи во полициски станици во различни земји на Европската Унија.
Вакнин категорично ги отфрла сите обвинувања, тврдејќи дека документарецот и поткастите се дел од организирана кампања за нарушување на неговиот углед.
Во одговор до „Коректив“, тој наведува дека спорните снимки се извадени од контекст и дека дел од нив прикажуваат играње улоги за време на јавни настани.
Вакнин истакнува дека неговата „ладна терапија“ е исклучиво вербална и не дозволува никаков физички контакт со клиентите.
Тој ги поврзува обвинувањата со поранешен деловен партнер со кого имал јавен конфликт, додека авторите на истражувањето ги оспоруваат неговите тврдења.
Засега нема информации за правосилна судска одлука со која би биле потврдени обвинувањата против Вакнин. Станува збор за сериозни тврдења изнесени во документарно истражување, кои тој јавно ги негира.








