ПРВ.мк
Македонија

СУДЕЊЕ СО МНОГУ ПРАШАЊА: 350.000 евра пронајдени во ѕид ја отворија најголемата дилема - која е вистината?

СУДЕЊЕ СО МНОГУ ПРАШАЊА: 350.000 евра пронајдени во ѕид ја отворија најголемата дилема - која е вистината?

Судскиот процес против судијата Ѓоко Ристов започна со две спротивставени верзии за случајот што предизвика големо внимание во јавноста – пронаоѓањето на 350 илјади евра скриени во ѕид од семејна куќа во Неготино.

Во текот на постапката, Обвинителството и одбраната најавија дека ќе настапат со целосно различни теории за потеклото на парите, но и со различни вештачења поврзани со ДНК-трагите пронајдени на алуминиумската фолија со која биле завиткани купчињата пари.

Судењето се одвива во Кривичниот суд, каде што Ристов, кој со години работел како судија во истиот суд и подоцна во Апелација, сега се најде на обвинителна клупа. Предметот го води судијката Билјана Коцевска, а ниту одбраната ниту обвинителството не побарале нејзино изземање.

На почетокот од процесот, Ристов се изјаснил дека не се чувствува виновен за ниту едно од делата што му се ставаат на товар.

Обвинителката Искра Хаџи Василева изјави дека обвинителството ќе настојува да докаже оти обвинетиот не пријавил имот кој реално го поседувал, посочувајќи дека пронајдените 350 илјади евра, според нивните анализи, не можеле да бидат стекнати од редовните приходи што ги остварувал.

Според обвинението, случајот опфаќа сомнежи за непријавување имот и перење пари, а обвинителството тврди дека парите биле сокриени и чувани со знаење за нивното наводно незаконско потекло.

Одбраната, пак, најавува спротивна аргументација и оспорување на доказите, што значи дека клучна улога во процесот ќе имаат финансиските анализи, материјалните докази и експертизите.

Случајот уште на стартот отвори бројни дилеми, а процесот се очекува внимателно да биде следен поради тежината на обвинувањата и позицијата што обвинетиот ја имал во правосудниот систем.