ПРВ.мк
Македонија

Страшни сведочења од судењето: Супервештаците открија шокантни пропусти по кои родилката Веапоска заврши со непотребни хируршки интервенции!

Страшни сведочења од судењето: Супервештаците открија шокантни пропусти по кои родилката Веапоска заврши со непотребни хируршки интервенции!
Kristal

Во Основниот суд во Струга денес повторно се отвори едно од најтешките и најчувствителни судски рочишта во земјата – случајот со родилката Јилдиз Веапоска од Дебар, која при породување во струшката болница остана без три сосема здрави органи. Новите сведочења на супервештаците ги разјаснија клучните пропусти кои довеле до драматично влошување на нејзината здравствена состојба.

Стручните лица посочија дека првообвинетиот хирург Мухамед Асани бил директно одговорен не само за изведувањето на царскиот рез, туку и за следењето на родилката веднаш по операцијата. Според нив, тој не преземал ниту основни дијагностички процедури, иако состојбата на Веапоска очигледно се влошувала. Не направил ниту ехо, ниту други неопходни прегледи што би го откриле силното крварење, кое подоцна ја довело до хеморагичен шок – момент кога биле отстранети три органи што, според супервештаците, биле целосно здрави и не требало да се вадат.

„Несовесноста е очигледна – немало следење, немало дијагностика, а состојбата станала критична до точка која можела да заврши фатално, доколку пациентката не била префрлена навремено во скопска Урологија“, истакна специјалистката по судска медицина Верица Попоска.

Во судницата повторно присуствуваа десетици жители од Дебар, кои со недели го следат процесот и бараат строга санкција за лекарот гинеколог.

„Бараме максимална казна. Ако може – и доживотна. Таков човек не треба да се приближи до болница, ни до пациенти“, категорично рече Бајрам Несимоски, еден од присутните поддржувачи на Веапоска.

Супервештаците појаснија дека второобвинетиот Блертон Асани, кој е син на првообвинетиот и специјализант по гинекологија, имал право да присуствува на операции, но немал одговорност во конкретниот случај. Третообвинетата, лекарката Лилјана Јованоска, според нив, воопшто не била присутна за време на царскиот рез.

1.000 евра казна за адвокатот кој го одложувал процесот – судот пресече поради ризик од застара

Судијата Јордан Јованов претходно реагираше на честите одлагања на рочиштата, па назначи нов бранител за да не се дозволи делото да застари. Истовремено, адвокатот на Мухамед Асани – Игор Петковски – беше парично казнет со 1.000 евра поради серијата одложувања, како во случајот со Веапоска, така и во друго судење во кое се појавува како бранител.

Судењето за овој тежок случај започна во 2022 година, а правно застарување е предвидено за 2026 – што ја прави секоја загубена недела критична.

Процесот продолжува, а јавноста со огромно внимание го следи исходот кој може да стане преседан за одговорноста на медицинскиот кадар во државата.

Escape