ПРВ.мк
Македонија

СТОПАНСКА БАНКА АЛАРАМИРА: Граѓаните добиваат пораки што можат скапо да ги чинат – не наседнувајте на овој трик!

СТОПАНСКА БАНКА АЛАРАМИРА: Граѓаните добиваат пораки што можат скапо да ги чинат – не наседнувајте на овој трик!

Стопанска банка АД – Скопје упати важно предупредување до своите клиенти поради појава на нова фишинг измама која се шири преку SMS пораки.

Во пораките од граѓаните се бара да ги ажурираат своите податоци преку линк. Станува збор за лажни пораки кои имаат за цел да ги наведат корисниците да отворат веб-страница која не е официјална страница на банката и таму да внесат податоци поврзани со нивното дигитално банкарство.

Од банката информираат дека спорните SMS пораки се испраќаат од телефонскиот број +387 67 142 8204. Во нив е поставен линк кој води кон лажна веб-страница, каде што од корисниците се бара да внесат корисничко име и лозинка за дигиталното банкарство.

Целта на ваквиот тип измама е неовластено прибирање на кориснички податоци. Откако измамниците ќе дојдат до чувствителните информации, тие би можеле да се обидат да ги злоупотребат за пристап до сметки или други финансиски услуги.

Поради тоа, Стопанска банка ги предупредува клиентите да бидат особено внимателни со SMS пораки во кои се бараат лични или банкарски информации и да не отвораат линкови од непознати или сомнителни извори.

Особено важно е граѓаните да не внесуваат корисничко име, лозинка, PIN, OTP кодови или други чувствителни податоци на веб-страници до кои стигнале преку сомнителна порака.

За користење на дигиталното банкарство, податоците треба да се внесуваат исклучиво преку официјалните дигитални платформи на Стопанска банка АД – Скопје. Линкот испратен преку ваква SMS порака не треба да се отвора, дури и доколку пораката изгледа убедливо или содржи порака за итно ажурирање на податоците.

Доколку некој клиент веќе ја добил ваквата порака, од банката советуваат да не ги следи инструкциите и да не го отвора приложениот линк.

За оние кои можеби веќе ги внеле своите податоци на лажната страница, важно е веднаш да реагираат. Стопанска банка ги упатува клиентите без одложување да го контактираат нејзиниот 24/7 Контакт центар на (02) 3100 109, со цел навремено да се преземат мерки за блокада и заштита на сметката.

Банката дополнително апелира до граѓаните да бидат внимателни при секое барање за внесување банкарски податоци преку линкови добиени во SMS пораки, бидејќи фишинг измамите често се обидуваат да создадат чувство на итност за корисникот да реагира без претходно да ја провери автентичноста на пораката.

Најнови вести