Иако четворица професионални војници добиле шуга во касарната во Велес, дел од терапијата ќе мора да ја платат од сопствен џеб. Како што дознава Инфомакс од извори во касарната, на сите војници им било наложено превентивно да користат одредена маст, за која секој од нив платил по 170 денари – без разлика дали бил заразен или не.
Инфомакс побарал одговор од Министерството за одбрана зошто овој трошок не бил покриен од институцијата, со оглед на тоа што заразата се појавила во самата касарна. Од Министерството одговориле дека сите лекови кои се на товар на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) ќе бидат рефундирани.
„По утврдувањето дека кај четворицата професионални војници има кожни промени, тие веднаш се упатени на доктор специјалист – дерматовенеролог, каде што им е препишана соодветна терапија (лосион, раствор или маст). Доколку терапијата е дел од листата на лекови кои паѓаат на товар на Фондот за здравствено осигурување, согласно Законот за служба во Армијата и Колективниот договор, на барање на професионалните војници, истата ќе им биде рефундирана“, велат од Министерството за одбрана.
Но, според информациите, конкретната маст што ја добиле војниците не била препишана како дел од индивидуална терапија, туку им била дадена превентивно, по што сите ја платиле. Бидејќи не станува збор за лек на товар на ФЗО, средствата што ги дале војниците нема да им бидат вратени – и покрај тоа што дел од нив не биле заразени.
Од одговорот на Министерството произлегува дека сите препарати и трошоци кои не се покриени од Фондот ќе продолжат да ги плаќаат самите војници, што значи дека лекувањето може да достигне и до неколку стотици евра, во зависност од терапијата.
Од Министерството истакнуваат дека се преземени сите мерки согласно здравствените протоколи. Бројот на заразени останува четири, а состојбата се следи на дневна основа.
„Од страна на Воено-медицинскиот центар се преземени сите мерки согласно здравствените протоколи:
- Извршен е стручен епидемиолошки надзор од одделението за превентивна заштита, со дадени насоки и препораки;
- На превентивен преглед се испратени сите војници кои биле во контакт со заразените лица;
- Во текот на викендот е извршена целосна замена на постелнината со нова, направена е дезинфекција на спалните соби, ќебињата, перниците и душеците, а постелнината е испрана;
- Сите војници се информирани за симптомите и им е укажано веднаш да пријават евентуални кожни промени;
- Континуирано се следи состојбата и се постапува според насоките на доктор епидемиолог“, наведуваат од Министерството.
Пред неколку дена од Министерството посочија дека болеста не се проширила надвор од касарната „Алексо Демниевски Бауман“ во Велес, иако останатите војници ја добиле таму. Шуганата инфекција може да се пренесе преку директен контакт со заразено лице, како и преку користење заедничка постелнина, пешкири и други предмети.
Независниот синдикат на професионални војници, пак, реагира дека условите во касарните низ Македонија се катастрофални.
„Професионалните војници имаат најлоши услови за работа – од нечиста постелнина која не е обновена со години, перници стари 15 до 20 години, како и ќебиња и чаршафи кои не се заменети со децении. Просториите се со влага и инсекти, храната се служи во нехигиенски услови со прибор стар над 20 години, а квалитетот и разновидноста се на ниско ниво. Санитарните јазли се нереновирани повеќе од 15-20 години. Често нема струја за затоплување, ниту техничка вода за одржување хигиена. Овие состојби траат со години“, реагираат од синдикатот.
Случајот отвори прашања не само за здравствената заштита на војниците, туку и за условите во кои тие живеат и работат, како и за тоа кој треба да го сноси товарот кога заразата се појавува во институционален објект.

















