ПРВ.мк
Македонија

Што се случува со пензиите во Македонија? Државниот буџет покрива сè поголем дел од Пензискиот фонд

Што се случува со пензиите во Македонија? Државниот буџет покрива сè поголем дел од Пензискиот фонд

Пензискиот систем во Македонија се соочува со сè поголем фискален притисок, а значителен дел од потребните средства веќе се обезбедуваат директно од државниот буџет.

Според анализата за состојбата во Пензискиот фонд, структурниот дефицит на пензискиот систем изнесува 5,12% од бруто-домашниот производ, а без реформи се очекува дополнително зголемување.

Во 2025 година, дефицитот поврзан со пензиите, трошоците за вториот пензиски столб и здравственото осигурување достигнал 54,4 милијарди денари, односно околу 5,2% од БДП.

Податоците покажуваат дека приближно 41% од средствата на фондот се покриваат од Буџетот, што претставува значително зголемување во однос на 2023 година, кога овој удел изнесувал 36%.

Од Фискалниот совет како дел од причините ги посочуваат зголемувањата на пензиите надвор од законската формула во изминатиот период, но и долгорочните демографски промени, состојбите на пазарот на трудот и намалената стапка на придонеси.

Посебен предизвик претставува односот меѓу бројот на осигуреници и пензионери. Овој сооднос бил најповолен околу 2016 година, кога имало 1,85 осигуреници на еден пензионер, но оттогаш бележи пад.

Според демографските проекции наведени во анализата, трендот би можел да продолжи, а во одреден момент бројот на осигуреници на еден пензионер да падне и под еден.

Како фактори за растот на дефицитот се наведуваат и промените во индексацијата на пензиите, односно формулата што ги зема предвид растот на платите и инфлацијата, како и линеарните зголемувања на пензиите.

Доколку не бидат спроведени реформи, проекциите предвидуваат дефицитот да достигне околу 6,3% од БДП до 2030 година, а околу 2040 година да се искачи до 6,6%.

Фискалниот совет оценува дека проблемот не може да се реши со само една мерка. Меѓу предложените решенија се комбинација од промени, вклучително и зголемување на придонесите, поголемо учество на жените на пазарот на трудот и намалување на неформалната економија.