Поранешниот директор на Клиниката за онкологија, Нино Васев, и организацискиот директор Нехад Нухи ќе бидат пуштени од притвор, откако Кривичниот совет при Основниот кривичен суд Скопје донесе одлука да ја прифати понудената гаранција обезбедена со хипотека на недвижен имот.
Одлуката е донесена по предлог на одбраната и со позитивно мислење од надлежното Јавно обвинителство, при што судот утврдил дека се исполнети условите за замена на мерката притвор со гаранција и мерки на претпазливост.
Според официјалните информации, за обвинетиот Нино Васев е прифатена гаранција во износ од 183.981 евра, додека за Нехад Нухи гаранцијата изнесува 348.049 евра. Во двата случаи, гаранцијата е обезбедена преку ставање под хипотека на недвижен имот во корист на државата.
Покрај гаранциите, на обвинетите им се определени и строги мерки на претпазливост. Тие нема да смеат да го напуштат своето живеалиште, односно престојувалиште на територијата на град Скопје, ќе имаат обврска еднаш месечно да се јавуваат во надлежниот суд и ќе им бидат привремено одземени патните исправи, со забрана за издавање нови документи за преминување на државната граница.
Од Кривичниот суд појаснуваат дека при донесувањето на одлуката биле земени предвид повеќе фактори, меѓу кои и позитивното мислење на Јавното обвинителство, како и фактот дека мерката притвор, согласно претходната одлука на Апелациониот суд Скопје, може да трае најдоцна до 18 јули 2026 година. Бидејќи обвинителството не поднело жалба, а хипотеките биле веќе уредно впишани во Катастарот на недвижности, решенијата станале правосилни, по што обвинетите се пуштаат од притвор.
Случајот „Онкологија 2“ се однесува на наводи дека во периодот од 2018 до 2022 година биле вршени незаконски набавки на лекови преку фиктивни тендери и дека дел од терапијата била присвојувана, со што, според обвинението, државниот буџет бил оштетен за околу 36 милиони евра.
Паралелно со овој предмет, се води и постапката „Онкологија 1“, во која Нино Васев и уште двајца лекари се товарат за несовесно лекување пациенти.
Во претходниот период судот имаше различни одлуки во врска со мерките на обезбедување. Во февруари годинава беше одбиен предлогот за укинување на притворот и покрај понудени гаранции, додека во мај минатата година им беше определен куќен притвор. Апелациониот суд потоа во јуни 2025 година го прифати барањето на обвинителството и им одреди ефективен притвор во траење од 30 дена.







