По повод Светскиот ден на децата со посебни потреби, градоначалникот на Општина Кичево, д-р Александар Јовановски, ја најави новата општинска програма за финансиска поддршка на семејствата со деца со посебни потреби. Според најавата, Општината наскоро ќе објави јавен повик за сите семејства кои имаат деца на возраст од 0 до 26 години, а со оваа програма ќе им се обезбедува месечна помош од 4.000 денари за секое дете.
Јовановски истакна дека оваа мерка е дел од неговите претходни заложби за подобрување на условите за децата со попреченост во Кичево и ја нагласи важноста на поддршката за овие семејства.
„Оваа програма е важен чекор за обезбедување на поголема финансиска стабилност и поддршка за семејствата кои се грижат за деца со посебни потреби. Програмата ќе има директно влијание врз квалитетот на животот на овие деца и нивните семејства“, рече Јовановски.
Како дел од активностите за оваа цел, градоначалникот денес ги посети ОУ „Санде Штерјоски“, каде што функционира дневен центар за згрижување и едукација, како и дневниот центар за лица со посебни потреби при Центарот за социјална работа во Кичево. Центарот соработува со Црвениот крст на проекти за поддршка и згрижување на децата и младите со посебни потреби.
„Ќе продолжиме да инвестираме во политики кои обезбедуваат достоинствен и поддржувачки развој за сите деца со посебни потреби во нашиот град. Ова е само еден од многуте чекори што ги преземаме за нивно вклучување во општеството и подобрување на нивниот животен стандард“, додаде Јовановски.

















