Кај Гевгелија е пронајдена опасна неексплодирана артилериска граната од 75 мм, која датира од Првата светска војна, соопштија утрово од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).
Гранатата била откриена на локацијата „Ќупот“, југозападно од градот, во близина на државната граница со Грција. Веднаш по пронаоѓањето, опасниот предмет бил обезбеден од надлежните служби за да се спречи каков било ризик по населението.
Пиротехничарот Ѓорѓи Стефанов од ДЗС појасни дека станува збор за артилериски проектил од Првата светска војна, најверојатно испукан, но неексплодиран, кој со децении останал активен во земјата.
Според него, и најмал физички удар може да предизвика експлозија, а опасната зона во случај на активирање може да се прошири и до околу 150 метри, што го прави овој проектил исклучително ризичен за околината.
Од ДЗС информираат дека гранатата ќе биде безбедно транспортирана и уништена на воениот полигон „Криволак“, во согласност со пропишаните безбедносни процедури за уништување на неексплодирани убојни средства.
Директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, упати апел до граѓаните доколку забележат сомнителни предмети кои наликуваат на експлозивни средства, да не ги допираат и веднаш да пријават на бројот за итни случаи 112, со цел да се избегнат потенцијално опасни ситуации.









