Случајот со симболите поставени на врвот Кораб добива ново продолжение. Според објава на албанскиот портал „Коха“, двоглавиот орел повторно бил поставен на локацијата, додека македонското знаме кое претходно било поставено таму во меѓувреме било отстрането.
„Коха“ објави и снимки од локацијата, наведувајќи дека металниот симбол бил вратен само неколку дена откако бил отстранет.
Според нивната објава, двоглавиот орел повторно се наоѓа на највисокиот врв на планината Кораб, која се протега на границата меѓу Македонија и Албанија. Порталот наведува дека орелот претходно бил отстранет од група Македонци, кои на негово место поставиле македонско знаме.
Најновите снимки, според „Коха“, покажуваат дека македонското знаме повеќе не се наоѓа на локацијата.
Како започна случајот?
Случајот привлече внимание откако на социјалните мрежи се појавија фотографии од голем метален двоглав орел поставен на врвот Кораб. На фотографиите биле забележани и албанско знаме и симбол поврзан со УЧК.
По реакциите во јавноста, МВР соопшти дека е запознаено со случајот и дека во координација со планинарските друштва и надлежните институции ги проверува околностите.
Од Министерството тогаш информираа дека, според информациите со кои располагале, обележјето било поставено од другата страна на врвот Кораб, односно надвор од територијата на Македонија.
Неколку дена подоцна, двоглавиот орел беше отстранет од локацијата.
Реакција и од албанската планинарска федерација
По отстранувањето реагираше Федерацијата на Албанија за планинарство и планински туризам, која тврдеше дека симболот бил поставен од група албански планинари.
Федерацијата побара од надлежните албански институции да го истражат случајот, да утврдат кој го отстранил симболот и да преземат чекори за негово враќање.
Во реакцијата федерацијата се повика и на информацијата од македонското МВР дека локацијата на која бил поставен симболот се наоѓа надвор од територијата на Македонија.
Истовремено, од федерацијата порачаа дека постапките на поединци не треба да влијаат врз односите и соработката меѓу планинарските заедници на двете земји.
Засега, според достапните информации, новото поставување на двоглавиот орел и отстранувањето на македонското знаме го отвораат случајот за ново разгледување.








