Променливо и нестабилно време ја очекува Македонија во наредните денови, со повремени врнежи од дожд, засилен северозападен ветер и можност за снег на повисоките планини.
Според прогнозата на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), денеска, 12 октомври, времето ќе биде променливо облачно, а во претпладневните часови на повеќе места ќе има повремен локален дожд.
Ќе дува умерен ветер од северозападен правец, кој долж Повардарието ќе биде засилен, а во одредени периоди и силен.
Минималните температури ќе се движат од 8 до 14 степени, додека максималните дневни температури ќе достигнат од 16 до 22 Целзиусови степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд. Ќе дува умерен до засилен северен ветер, а дневната температура ќе достигне околу 20 степени.
Нестабилните временски услови ќе продолжат и во следните денови, бидејќи земјата ќе биде под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса.
Метеоролозите најавуваат повремени врнежи од дожд во повеќе делови од Македонија, додека на повисоките планински предели се очекуваат услови за врнежи од снег.
Од утре, 13 октомври, па сè до почетокот на викендот, ќе дува засилен северозападен ветер, кој повремено на одредени места ќе достигнува и силен интензитет.
Ваквите временски услови ќе донесат почувствително посвежо време, особено во планинските подрачја и местата изложени на силен ветер.
Граѓаните кои планираат активности на отворено треба да бидат подготвени за променливи временски услови, додека на возачите им се препорачува дополнително внимание поради можните влажни коловози и засилениот ветер.









