По иницијатива на градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, спроведена е сеопфатна теренска проверка на лозовите насади на територијата на општината, при што е утврдено дека нема останато необрано винско грозје.
Општинската комисија, формирана со решение од 9 октомври 2026 година, во изминатите денови извршила детални проверки во сите предвидени катастарски општини, со цел да ја утврди фактичката состојба по завршувањето на гроздоберот.
Контролите започнале на 9 октомври во Сопот, Марена и Глишиќ, а продолжиле на 12 октомври во Кавадарци, во вонградскиот реон, и во Ваташа.
На 13 октомври комисијата извршила увид во Бегниште, Дабниште и Ресава, додека на 14 октомври биле проверени лозовите насади во Возарци, Шивец, Брушани и Дреново.
Во рамките на проверките, дел од земјоделските парцели биле споредени и со претходно поднесените пријави за штети од мраз и град, со цел да се обезбеди пореална проценка на состојбата на терен.
По завршувањето на сите активности, општинската комисија изготвила официјален извештај со кој потврдила дека гроздоберот е целосно завршен.
Според наодите од теренските проверки, на територијата на Општина Кавадарци нема останато необрани лозови насади со винско грозје.
Со ова, општината доби официјална потврда за состојбата по годинашниот гроздобер, врз основа на непосреден увид во лозарските реони.






