Еден ден откако побара истражна комисија со меѓународен надзор за трагедијата во Кочани, ДУИ сега бара вклучување на правни експерти од Европската комисија. Велат дека премиерот го заробил правосудниот систем, а изненадувачки, министерот за внатрешни работи не е вклучен во групата на виновници.
„Ја повикуваме Европската комисија веднаш да испрати правни експерти и директно да се вклучи во засилен мониторинг на овој случај, а потоа со својата експертиза и сознанија ќе и помогне на парламентарната комисија, која треба да се формира веднаш под меѓународен надзор. Демократијата, владеењето на правото и почитувањето на основните човекови права се основните правила и принципи на Европската унија, а тие мора да бидат заштитени и во Северна Македонија“, велат од ДУИ.
ВЛЕН вели дека ДУИ бара комисии за да се сокрие вистината, а не да се открие. Од владејачката партија велат дека доколку се формира комисија би ги истражила сите трагедии во последните години.
„ДУИ, по 22 години власт и уништување на правосудниот систем, денес се обидува да ја игра улогата на жртва, барајќи истрага само за трагедијата во Кочани. Но, граѓаните не забораваат: Кој го создаде овој трул систем? Кој ги заштити криминалците? Кој ги претвори судовите и обвинителството во приватни партиски канцеларии? ВЛЕН нема да дозволи да се манипулира со вистината! Бараме истражна комисија за сите трагедии во последните години – од Ласкарце, модуларната болница, Беса Транс, до Кочани. Нема да дозволиме ДУИ да одлучува кои жртви заслужуваат правда, а кои треба да се заборават!”, рекоа од ВЛЕН.
Според правилникот на Собранието, анкетната комисија ја формира Собранието на предлог на пратениците, а нејзиниот претседател го предлага опозицијата. Ваквите комисии можат да даваат препораки, но и да помагаат во истраги или процеси, додека препораките што ги даваат комисиите не се обврзувачки за истражните органи. ДУИ презеде иницијатива за формирање истражна комисија за смртта на 4-годишниот Алмир од Куманово, но Бобан Илиќ беше осуден на само 4 години затвор. Од ДУИ најавија истражна комисија за Дива населба, но таа никогаш не беше формирана.
За време на 22-годишното владеење на ДУИ, за случаите „Сопот“ и „Монструм“ беа формирани парламентарни комисии кои требаше да го расветлат евентуалното местење на случајот, но тоа никогаш не се случи во Собранието. Неодамна беше формирана комисија за случајот „Онкологија“, односно скандалот со препродажбата на лекови за болните од рак, но се уште без резултати.