Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение против сопругот на Ивана Јовановска, поврзано со трагичниот настан во скопската населба Карпош, кога таа скокна од шести кат заедно со своето малолетно дете.
Според обвинението, осомничениот се товари за три кривични дела: телесна повреда како продолжено дело на семејно насилство, загрозување на сигурноста и наведување и помагање во самоубиство.
Обвинителството наведува дека на 2 март, на повеќе локации во Скопје, обвинетиот физички ја нападнал својата сопруга, удирајќи ја со шлаканици и тупаници, при што таа во еден момент ја изгубила свеста. Истиот ден, на паркинг зад Основниот кривичен суд Скопје, ѝ упатил сериозни закани по животот и телото, предизвикувајќи кај неа чувство на страв и несигурност.
Според истрагата, малтретирањето траело подолг период. Во ноември 2022 година, Ивана му го отстапила својот идеален дел од станот во кој живееле со нивната малолетна ќерка, со договор за дарување. Иако било договорено таа и детето да продолжат да живеат во станот, по стекнувањето на сопственоста обвинетиот започнал со психичко и физичко малтретирање.
Во текот на 2025 година, насилството се засилило и прераснало во сурово и нечовечко постапување. Според обвинението, тој често ја тепал и омаловажувал и дома и на јавни места, па дури и пред сведоци, заканувајќи се дека ќе ја избрка од домот и ќе ѝ го одземе детето.
На денот на трагедијата, по ново психичко и физичко малтретирање, Ивана се вратила во станот со детето и побарала сама да се качи за да се спакува и да замине. Обвинетиот инсистирал да се качи со неа и продолжил со заканите, но сведок го оттурнал и го извел пред зградата за да ја почекаат.
Според обвинителството, долгогодишното малтретирање ја довело жената во состојба на тешка психичка вознемиреност, страв и чувство на безизлезност, по што таа скокнала од терасата на станот на шестиот кат заедно со своето малолетно дете.
Јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје поднел и предлог за продолжување на мерката притвор за обвинетиот, поради опасност од бегство и можност да продолжи со насилнички кривични дела.


















