Стопанската комора на Македонија најави дека до Министерството за економија и труд ќе достави предлог за измени на Законот за празниците, со кој би се променил начинот на користење на неработните денови.
Една од клучните предложени измени е празникот што се паѓа во недела повеќе да не се префрла како неработен ден во понеделник.
Проектниот менаџер во Стопанската комора, Анета Димовска, на прес-конференција појасни дека не се предлага укинување на конкретни празници, туку промена на правата што произлегуваат од нив.
Според предлогот на Комората, при засновање работен однос вработениот преку договорот за вработување би определил кои празници ќе ги користи од групата празници што не важат за сите граѓани. На тој начин би биле определени два дополнителни неработни дена, а вкупниот број индиректно би се свел на 13.
Како второ решение, Комората предлага да престане практиката празникот што паѓа во недела да се префрла во следниот работен ден.
Димовска посочи дека иницијативата произлегува од долгогодишните забелешки на работодавачите, според кои поголемиот број отсуства поради празници создава финансиски и организациски тешкотии и влијае врз продуктивноста.
Комората направила анализа на 36 европски економии, според која во околу 70 проценти од нив бројот на државни празници и неработни денови се движи меѓу 11 и 14. Според Димовска, Македонија има 11 неработни денови што важат за сите граѓани, но кога на нив ќе се додадат петте празници за припадниците на православната вероисповед, бројката достигнува 16.
Од Комората посочуваат и дека во повеќе од половина од анализираните европски држави празникот не се префрла во нареден работен ден доколку се падне за време на викенд.
Предлогот допрва треба да биде доставен до Министерството за економија и труд, што значи дека во моментов не станува збор за усвоена законска измена и постојните правила продолжуваат да важат.







