ПРВ.мк
Македонија

Нов раст на цените во рестораните и хотелите – еве колку поскапеа услугите во септември

Нов раст на цените во рестораните и хотелите – еве колку поскапеа услугите во септември

Цените на угостителските услуги во Македонија во септември 2026 година биле за 3,8 отсто повисоки во споредба со истиот месец минатата година, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика, објави 4news.mk.

Иако рестораните, хотелите и останатите угостителски услуги продолжуваат да поскапуваат, податоците покажуваат дека растот на цените е побавен во споредба со претходните години.

Во периодот од јануари до септември годинава, цените на угостителските услуги во просек биле повисоки за 3,1 отсто во однос на истиот период во 2025 година. Тоа значи дека граѓаните сè уште издвојуваат повеќе пари за храна, пијалаци и сместување, но растот е поумерен.

Споредбата со претходните години покажува постепено забавување. Во септември 2023 година цените биле повисоки за 6,2 отсто на годишно ниво, во септември 2024 растот изнесувал 5,2 отсто, а една година подоцна бил 4,7 отсто. Во септември 2026 година стапката се намалила на 3,8 отсто.

Уште поголема разлика се забележува кај податоците за првите девет месеци од годината. Во 2023 година растот изнесувал 11,1 отсто, во 2024 бил намален на 5,5 отсто, во 2025 на 5,2 отсто, додека годинава изнесува 3,1 отсто.

Податоците укажуваат дека притисокот врз цените во угостителскиот сектор постепено се намалува. Во крајната цена на услугите угостителите ги вградуваат трошоците за набавка на храна, енергенси и плати.

Сепак, побавниот раст не значи дека цените се намалуваат. Угостителските услуги и натаму се поскапи во споредба со минатата година, но темпото со кое растат цените е пониско од она што беше забележано во претходните години.