Професионалниот боксер Кишон Портер (23) е уапсен во американската сојузна држава Аризона под сомнение дека е одговорен за смртта на двегодишниот син на неговата девојка.
Случајот започнал откако итната помош била повикана во стан во градот Меса. Детето било пронајдено во исклучително тешка состојба и веднаш било пренесено во болница, но лекарите не успеале да го спасат.
При прегледот биле забележани повреди кои предизвикале сомнеж дека не станува збор за несреќен случај, по што во истрагата се вклучила полицијата.
На првото појавување пред суд, обвинителството изнело тврдења дека Портер повеќепати физички го напаѓал двегодишното момче.
По смртта била извршена обдукција, а според истражителите, покрај повредите поврзани со смртниот исход биле откриени и постари повреди кои веќе почнале да зараснуваат. Тоа отворило сомнеж дека можеби не станувало збор за единечен инцидент.
Американските медиуми објавуваат дека полицијата истражува и наводи дека боксерот можеби физички нападнал уште едно, едногодишно дете. Во овој дел од истрагата засега не се поднесени формални обвиненија.
Истражителите, наводно, забележале и повреди на рацете на Портер, за кои се проверува дали се поврзани со случајот или со неговата боксерска кариера.
Обвинителството пред судот посочило и дека Портер имал проблеми со законот уште како малолетник, вклучувајќи случаи поврзани со насилство и злоупотреба на деца.
Судијата му одредил кауција во висина од 1,5 милиони долари во готовина.
По апсењето, две организации поврзани со боречките спортови ја прекинале соработката со него поради сериозноста на обвиненијата.
Истрагата продолжува, а американските власти и натаму прибираат докази. Портер засега не е осуден и важи презумпцијата на невиност сè додека неговата вина евентуално не биде утврдена пред суд.






