ПРВ.мк
Македонија

МВР демантира: Има доволно обрасци за возачки дозволи, нема застој во издавањето!

МВР демантира: Има доволно обрасци за возачки дозволи, нема застој во издавањето!

Министерството за внатрешни работи (МВР) ги отфрли тврдењата што деновиве се појавија на социјалните мрежи за наводен недостиг на обрасци за возачки дозволи, уверувајќи дека процесот се одвива непречено.

Од МВР информираат дека располагаат со доволни резерви на обрасци, кои ќе ги задоволат потребите на граѓаните во наредните три години.

Според нив, термин за фотографирање може да се добие во рок од еден ден, а издавањето на возачките дозволи се реализира за неколку дена, што е побрзо од законски предвидениот рок.

„Апелираме до јавноста да не се шират дезинформации со кои се создава непотребна забуна меѓу граѓаните“, велат од Министерството.

Реакцијата доаѓа откако на социјалните мрежи, особено на Фејсбук, се појавија повици и критики до министерот Панче Тошковски за наводен недостиг на обрасци.