По Бугарија, кадешто го обвинија за мешање во бугарско-македонските односи со советите до Македонија да си ги гледа сопствените интереси и да не подлегнува на уцените од Европската унија, на посетата од хрватскиот претседател Зоран Милановиќ на Скопје ѝ најдоа маана и во Грција.
„Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, кој е во посета на Северна Македонија, направи многу сериозен политички и дипломатски фаул. И покрај она што експлицитно го наведува Преспанскиот договор, кој претставува меѓународен договор и право на Европската унија, тој не го употреби уставното име ‘Северна Македонија’, туку зборот без географската одредница“, пишува весникот „Триасио“.
„Всушност, неговите изјави за време на разговорите со претседателката на Северна Македонија, Гордана Силјановска, исто така се окарактеризирани како провокативни од страна на Бугарија“, се додава во написот.
