ПРВ.мк
Македонија

Лихварска мрежа заработи 2 милиони евра со камати до 15% месечно

Лихварска мрежа заработи 2 милиони евра со камати до 15% месечно

Министерството за внатрешни работи денеска соопшти дека 11 лица се лишени од слобода заради лихварство и перење пари, додека едно лице сè уште се наоѓа во бегство.

Според соопштението од МВР, против Б.К. (35), кој е недостапен за органите на прогонот, како и против веќе уапсените Љ.Љ. (29), Д.В. (29), А.Т. (29), Д.Љ. (32), М.В. (25), М.Н. (36), А.Т. (32) и З.А. (42), постои основано сомневање дека делувале како соизвршители или помагачи во кривичните дела лихварство и перење пари. Дополнително, М.К. (73), П.К. (41) и Г.С. (46) се осомничени за „перење пари и други приноси од казниво дело“.

Од 2022 година до денеска, деветмина од осомничените делувале како организирана криминална група која давала пари на заем со договор, но со несразмерна имотна корист. Осомничените ги искористувале финансиските потешкотии на оштетените и им позајмувале средства со месечни камати од 5 до 15 проценти. За секое задоцнување каматата дополнително се зголемувала. Ако должниците не можеле да ја вратат позајмицата, лихварите барале да им се предаде или оптовари имотот, кој потоа се префрлал на нивно име или на соработници. Исплатата на средствата се вршела директно или преку трансакциски сметки во банка.

МВР наведува дека парите што ги враќале оштетените во несразмерен износ се внесувале на сметките на осомничените или се чувале во сефови, а потоа на различни начини биле легализирани преку трансакции кон сметки на други правни и физички лица. Проценетата противправна имотна корист на групата изнесува 125.033.527 денари (над 2 милиони евра), стекната со кривичното дело лихварство.

Дел од парите осомничените ги користеле за лични потреби, дел за купување недвижен и движен имот и воделе луксузен живот, додека значителен дел биле подигнати во готовина, со цел да се создаде привид на легално стекнати средства.

Истражната постапка продолжува, со цел да се утврди дали има и други лица или институции кои им помагале во овие незаконски финансиски трансакции.

Escape