Реконструкцијата на улицата „Стив Наумов“ во Битола влегува во својата завршна фаза, информираат од Општината. Работите се одвиваат на последната делница од вкупно 2200 метри колку што изнесува должината на улицата, а целокупната инвестиција изнесува 51.218.181 денари.

При увидот во градежните активности, градоначалникот Тони Коњановски истакна дека со овој проект се решаваат децениски проблеми на граѓаните, особено преку замената на старите водоводни и канализациони цевки и изградбата на нов коловоз.

„Ова не е само асфалт – ова е инфраструктура што носи квалитет, безбедност и сигурност во секојдневието. Денес градиме подобра утре, затоа што секој метар е чекор напред,“ изјави Коњановски.

Жителите на оваа улица позитивно реагираат на промените, потенцирајќи дека комплетната реконструкција значително ќе го подобри квалитетот на живот и условите за движење низ овој дел на градот.
Градоначалникот нагласи дека општината останува фокусирана на реализација на крупни инфраструктурни проекти, кои директно го подобруваат секојдневието на граѓаните.