Граѓаните кои денеска патуваат кон Македонија се соочуваат со значителни задржувања на граничниот премин „Дојран“. Поради штрајк на земјоделците, граничниот премин „Богородица“ (Евзони) е целосно затворен за влез и излез од 11:00 часот, што предизвика хаос кај возачите на терен.
Според информации од АМСМ, на „Дојран“ сообраќајот се одвива, но поради зголемен интензитет, се формираат колони на влез во државата. Времето на чекање за излез од Македонија на овој премин изнесува околу 30 минути. На други клучни гранични премини, како што е „Табановце“, возачите чекаат и до 40 минути, додека на преминот „Ники“ (Меџитлија) сообраќајот е блокиран само за товарни возила и автобуси.
АМСМ истакнува дека на останатите патни правци надвор од градските средини, сообраќајот се одвива непречено, со умерен интензитет.
Граѓаните кои се планираат да патуваат во наредните часови се советуваат да ја следат актуелната ситуација на граничните премини и да имаат трпение, бидејќи штрајкот на земјоделците може дополнително да го зголеми времето на чекање.

















