Mногуминa од прогонетите од Бугарија поради нивната македонска самосвест во периодот на комунизмот си заминаа без некој да ги запише нивните спомени. Жртвите Македонци од прогоните се илјадници. Колку илјадници – не се знае. Ако во 1956 г., на последниот слободен попис, бројот на Македонците бил 187.000, денес тој официјално е околу 1000, но дури ниту тие 1000 не се признати и немаат малцински права. Но, денес, вистината веќе не може да се крие – објавена е во книга со спомени и со документи од бугарските судови, служби за безбедност и други бугарски институции, во издание на „Матица македонска“. Фактите се изнесени на виделина со обемен материјал во книгата „Табу – време на страв и страдање“ од копретседателот на ОМО „Илинден“ – Пирин и борец за правата на Македонците во Бугарија, Стојко Стојков. Сведоштво за повеќедецински репресии, дискриминација, маргинализација и асимилација на дел од еден народ – македонскиот. Бугарските историчари покажаа завидна неподготвеност да ја слушнат оваа страна на повеќедеценискиот спор, страната на жртвите. Нивните напори беа насочени точно во обратен правец – да докажат дека не постои такво малцинство. Таквите напори, денес се чинат залудни, затоа што за новите генерации, објавена е сета вистина, во новото издание на „Матица македонска“.
Утре, 14 мај, Стојко Стојков ќе гостува на манифестацијата „Книга во секој дом“. Со почеток во 19 часот, утре, книгата со сведоштва за прогонувањето на Македонците од Бугарија во периодот на комунизмот ќе биде промовирана во книжарницата на „Матица македонска“ на булеварот на книгите „Св. Климент Охридски“. Промотор на книгата ќе биде Богдан Илиевски – Бетмен Велит.
Во разговор со Стојков, на промоцијата ќе бидат отворени прашања за податоци што досега не ѝ биле многу познати на македонската јавност – од периодот по Втората светска војна па сѐ до стапувањето на демократијата кога и натаму негирањата се на сила. Вклучително и за периодот по пленумот на ЦК БКП, одржан на 11 и 12 март 1963 година. кога Тодор Живков прогласува дека „Населението од Пиринско е дел од бугарската нација“, поврзано и со тогаш новата политика на притисок и манипулации при пописите и со кампањата за промена на пасошите и за задолжителното запишување во нив на Македонците како „Бугари“ против нивната волја. Но и за сето она што следеше потоа со засилена пропагандна и асимилаторска кампања, раководена од највисоко ниво, со цел да се убеди населението, но и светот дека Македонците како нација, јазик и историја не постојат. Податоците објавени во книгата, меѓу другото овозможуваат јасен увид и како еволуирал државниот бугарски антимакедонизам во периодот на комунизмот.
Ова е табу тема во Бугарија, врз која тежи клетвата на диктаторот Живков дека во Бугарија, македонско малцинство „нема и не може да има“. Причините се идеолошки и лични. Без да прават што и да било, со самото свое постоење, Македонците ги ставаат под сомнеж клучните национални митови во Бугарија. Други направија кариери против Македонците, стотици преку предавањето на својата македонска самоопределба. Да признаат дека Македонците постојат како нација за такви значи да признаат дека самите се предавници и дури монструми. Затоа. репресијата врз луѓето кои се идентификуваат како Македонци е табу тема. Табу, поставено да заштитува една лага и многу престапи. Официјална политика, којашто ги одбележа животите на повеќето Македонци, но никогаш за добро. Лагата продолжи и по доаѓањето на демократијата, дури и се разгранува, додека порасна до таму да ја уценува Македонија на нејзиниот европски пат и да бара промена на идентитетот на македонската нација, напоменува Стојков.
На промоцијата во „Матица македонска“, присутните покрај тоа што ќе можат да ја добијат книгата со посвета и самите ќе можат да поразговараат со Стојков, да отворат и нови прашања и да добијат информации што преходно не им биле достапни.
Инаку, Стојко Стојков е историчар, доктор на науки и редовен професор на Факултетот за образовни науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, а уште на додипломските студии на Филозофскиот факултет во Скопје е избран за студент по историја дипломиран со највисок просек за соодветната година. Меѓу другото, од 1994 до 1998 г., два мандати бил претседател и еден мандат секретар на Студентско друштво на Македонците од Р. Бугарија. До сега соработник и уредник на повеќе медиуми, вклучително и главен уредник на билтенот „Македонски глас“ во периодот од 2005. До 2015 година. Автор е на неколку научни книги и на десетици научни трудови објавени во меѓународни и домашни научни списанија.
Манифестацијата „Книга во секој дом“ трае до 15 мај, а покрај промоциите на ексклузивни изданија и средбите со автори, во книжарниците на „Матица македонска“, за над 300 книги од странската и домашната продукција е овозможен попуст до 70 проценти.