Доцнење на онлајн-пратките ги вознемири граѓаните, а причината лежи во новите измени на Законот за ДДВ. Од Пошта на Северна Македонија соопштија дека поради новите законски обврски, дошло до значително забавување во обработката и царинските процедури.
Со измените што стапија во сила на 18 декември минатата година, повеќе не важи ослободувањето од ДДВ за онлајн-пратки со вредност до 22 евра. Тоа значи дека сега сите вакви пратки задолжително одат на царински преглед за пресметка на данокот, што создава дополнителен притисок врз системот.
Од Пошта информираат дека заедно со Царинската управа активно работат на изнаоѓање начин за забрзување на процедурите, со цел пратките да стигнуваат побрзо до примачите. Апелираат на трпение и разбирање од страна на граѓаните.
Од друга страна, Министерството за финансии очекува позитивни економски ефекти од новите правила. Според нив, средствата што досега завршувале на странски онлајн-платформи сега ќе се задржат во домашната економија, што би значело поддршка за локалните компании, нови работни места и подобри услови за вработените.
Надлежните уверуваат дека новиот модел ќе помогне и во намалување на сивата економија, спречувајќи злоупотреби при увозот на стоки ослободени од ДДВ.
Во меѓувреме, граѓаните остануваат во исчекување – кога конечно нивните пратки ќе пристигнат без доцнење?

















