Министерството за внатрешни работи најави дека од 20 до 31 јануари 2026 година ќе се спроведува обемно тестирање на камерите за сообраќаен надзор, како дел од проектот „Безбеден град“. Во овој период ќе се вршат проверки, калибрација и техничка верификација на уредите, со цел нивна целосна подготвеност за функционирање.
Активностите ќе се реализираат секој ден во временски интервал од 8 до 20 часот, а МВР предупредува дека за време на тестирањето сообраќајот на одредени локации ќе биде привремено запрен. Возилата нема да се пропуштаат додека трае постапката, што може да предизвика краткотрајни застои и чекања.
Во првата фаза, односно првата недела од најавениот период, сите активности ќе се одвиваат исклучиво на подрачјето на град Скопје, каде веќе се поставени камерите за надзор на сообраќајот. Останатите локации низ државата се очекува да бидат опфатени во наредните фази.
Од МВР апелираат до граѓаните и сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат привремените сообраќајни ограничувања, да покажат трпение и да соработуваат со службите на терен. Како што наведуваат, ваквите мерки се неопходни за безбедно и непречено спроведување на тестирањата и за подобрување на безбедноста во сообраќајот на подолг рок.
Проектот „Безбеден град“ има за цел зголемување на контролата и намалување на сообраќајните прекршоци и несреќи.

















