Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) денеска упати сериозен повик до инфлуенсери, јутјубери и влогери: ако заработувате и имате повеќе од 10.000 следбеници, веќе не сте само хобисти – мора да се регистрирате како „даватели на аудиовизуелни медиумски услуги по барање“.
Оваа обврска произлегува од измените на медиумската легислатива донесени во јули 2023 година, кои првпат официјално го признаа влијанието на креаторите на содржини на социјалните мрежи. Со тоа, АВМУ ги обврзува креаторите да го регулираат својот статус и да се впишат во Регистарот на Агенцијата.
За да се опфатени, инфлуенсерите треба да ги исполнуваат сите пет критериуми:
- Платформа: Објавуваат видеа на YouTube, Instagram, TikTok или слични платформи.
- Публика: Имаат над 10.000 следбеници или претплатници.
- Заработка: Остваруваат економски интерес од содржините.
- Активност: Во последните 12 месеци објавиле најмалку 24 видеа.
- Цел и одговорност: Содржините информираат, образуваат или забавуваат, а креаторот носи уредничка одговорност.
АВМУ апелира сите што ги исполнуваат условите да се пријават што е можно поскоро. Сите формулари и потребни документи се достапни на www.avmu.mk во банерот „Инфлуенсери/Влогери“. За дополнителни прашања, може да се контактира на [email protected].
Со овие мерки, „дивото“ инфлуенсерство се завршува, а регулацијата ќе ги направи сите креатори одговорни и официјално признати во медиумскиот систем.

















