ПРВ.мк
Македонија

Историска одлука што ќе ги израдува граѓаните: Роамингот во ЕУ се укинува и за Македонија!

Историска одлука што ќе ги израдува граѓаните: Роамингот во ЕУ се укинува и за Македонија!
Kristal

Со новите измени на Законот за електронски комуникации, кои моментално се наоѓаат на јавна расправа во Единствениот национален регистар, Македонија прави клучен чекор кон приклучување на европскиот модел „Роаминг како дома“, што важи во земјите на Европска Унија.

Со усогласувањето на домашното законодавство со европските регулативи, граѓаните и компаниите ќе можат да користат мобилни услуги во земјите членки на ЕУ без дополнителни роаминг трошоци – по исти цени како во Македонија.

Измените, чиј предлагач е Министерството за дигитална трансформација, предвидуваат јасни ограничувања на цените на роаминг услугите, подобра заштита на корисниците преку задолжително информирање за трошоците, како и механизми што ќе спречат ненадејно високи сметки при користење мобилен интернет и повици во странство. Истовремено, се зајакнува улогата на регулаторните институции во контролата на пазарот.

Целта на законските решенија е целосно укинување на дополнителните трошоци за роаминг при патување во ЕУ, зголемена транспарентност и полесен пристап до дигитални и е-услуги надвор од државата.

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, посочи дека законските обврски од македонска страна мора да се завршат до февруари, додека останатите технички и регулаторни прашања ќе се решаваат преку дијалог со ЕУ и земјите од Западен Балкан. До јули се планира и носење подзаконски акти од страна на А надлежната агенција за електронски комуникации.

Македонија веќе од јуни 2021 година е дел од регионалниот роаминг-договор меѓу земјите од Западен Балкан, со кој дополнителните трошоци во регионот се укинати. Сепак, роамингот со земјите од ЕУ сè уште не е целосно изедначен со европските правила.

Во таа насока, и Европска комисија најави законска рамка со која земјите од Западен Балкан постепено ќе се приклучат кон моделот „Роаминг како дома“. Македонската Влада веќе усвои акциски план за усогласување со европското законодавство, со рокови за анализа и финализација на сите потребни закони и подзаконски акти до април 2026 година.

Доколку процесот се реализира според планираното, граѓаните на Македонија во наредните години ќе можат слободно да користат мобилни услуги низ ЕУ без дополнителни трошоци – исто како да се дома.

Pharmanova
FixCredit
Escape
Mia Home Mavrovo