Во текот на изборниот ден, беа пријавени неколку случаи на попречување на работата на новинарски екипи, што предизвика реакција од Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), кое упати апел до Државната изборна комисија (ДИК), општинските изборни комисии и Министерството за внатрешни работи за итно преземање мерки со цел да се овозможи непречен пристап и услови за работа на медиумските работници на избирачките места.
Еден од најсериозните инциденти се случил во Скопје, на избирачко место во Општина Карпош (ИМ 2626), каде што на новинарката Елида Зулбеари ѝ бил упатен обид за одземање на мобилниот телефон од страна на заменик претседателот на избирачката комисија, придружен со непристоен однос. По интервенција од страна на Министерството за внатрешни работи, ситуацијата е санирана, а од ЗНМ најавија дека ќе побараат санкции од ДИК за службеникот кој го попречил нејзиното работење.
Други пријавени случаи вклучуваат:
- Охрид (ИМ 1270): На екипа од јавниот сервис ѝ бил одбиен пристап во утринските часови, со образложение дека, покрај новинарска легитимација, мора да има и акредитација од ДИК. По реакција и интервенција на лице место, на екипата ѝ бил дозволен пристап и работата продолжила.
- Тетово: Новинар бил спречен да земе изјава од страна на членови на избирачкиот одбор, повторно поради барање за акредитација, иако истата не е потребна според важечките правила.
Од ЗНМ потенцираат дека за медиумско покривање на изборите, не е потребна посебна акредитација од ДИК, туку доволна е видлива новинарска легитимација од медиумот за кој новинарот известува. Во тој контекст, избирачките одбори, полициските службеници и други вклучени лица немаат право да го ограничуваат пристапот или работата на новинарите под изговор за „недостаток на акредитација“.
ЗНМ ги повика надлежните институции:
- Да ги информираат сите избирачки одбори и службени лица дека не е потребна дополнителна дозвола за новинарите.
- При евентуални недоразбирања, наместо да го ограничат пристапот, да побараат насоки од ОИК или ДИК.
- Да се овозможи снимање и земање изјави во просторот каде што тоа не ја загрозува тајноста на гласањето.
Од Здружението нагласуваат дека ќе продолжат внимателно да ги следат и документираат сите случаи, како и да реагираат институционално за да се спречи ваква пракса во иднина.
Исто така, се упати и охрабрување до новинарите, снимателите и фоторепортерите:
- Секогаш да носат видлива новинарска легитимација.
- Да се претстават кога тоа е побарано.
- Да ги почитуваат упатствата на избирачкиот одбор кога станува збор за тајноста на гласањето.
- Во случај на попречување, веднаш да го евидентираат случајот (време, место, избирачко место, лица) и да се обратат до ЗНМ.
За поддршка и правна помош, новинарите можат да се обратат до регионалните координатори на ЗНМ во Штип, Струмица, Битола, Охрид, Тетово и Куманово, како и до контакт точките во Скопје.