Градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, денеска учествуваше на работна средба во просториите на ЗЕЛС, каде што се разговараше за идните еколошки проекти и начини на поддршка за општините во нивната реализација. Средбата беше одржана со министерот за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, а присуствуваа и потпретседателот на ЗЕЛС, Висар Ганиу, како и извршната директорка на ЗЕЛС, Душица Перишиќ.

Министерот Меџити ги презентираше критериумите од Конкурсот за распределување средства за финансирање на проекти од областа на животната средина за 2025 година. Средствата се наменети за инфраструктурни проекти, како што се изградба и реконструкција на канализациони и водоводни системи, системи за одведување и прочистување на отпадни води, како и за изработка на техничка документација за ваквите зафати.

Градоначалникот Ѓорѓиевски ја потенцираше важноста од ваквиот тип поддршка за општините, нагласувајќи дека вложувањата во еколошката инфраструктура се директна инвестиција во здравјето на граѓаните и во долгорочниот развој на заедниците. Тој ги повика сите градоначалници да ја искористат оваа можност и да аплицираат со конкретни и добро подготвени проекти.

На средбата се разговараше и за пошироки прашања, како што се процесот на децентрализација, потребата од зголемување на дотациите за општините и зајакнување на нивната финансиска самостојност. Ѓорѓиевски подвлече дека за унапредување на локалната самоуправа е неопходна и зголемена експедитивност во институционалните постапки.
„Грижата за чиста вода, заштитени природни ресурси и здрава животна средина не е прашање на избор – туку обврска која сите заедно мораме одговорно да ја носиме,“ изјави Ѓорѓиевски. Тој додаде дека ЗЕЛС останува силен партнер на сите општини во поддршката за зелени проекти и градење на поодржлива иднина за граѓаните.