ПРВ.мк
Македонија

Го молел системот за помош со години – сега му ја запалија куќата: Што сè се игнорирало пред овој шокантен напад во Струга?

Го молел системот за помош со години – сега му ја запалија куќата: Што сè се игнорирало пред овој шокантен напад во Струга?
Kristal

Случај што отвора сериозни прашања за функционирањето на институциите ја потресе јавноста во Струга, откако на 14 март била запалена куќа на граѓанин кој, според неговите тврдења, со години пријавувал закани, рекет и напади, но без соодветна реакција.

Станува збор за Едисон Мусаи, иселеник кој долги години живее и работи во Швајцарија, но повремено се враќа во Македонија. Токму куќата што ја изградил во Струга пред десетина дена била цел на подметнат пожар. Тој тврди дека подолго време бил изложен на притисоци, при што од него се барале дури 100.000 евра за да престанат заканите и малтретирањето.

Според неговото сведочење, во повеќе наврати пријавувал сериозни инциденти – вклучувајќи закани, па дури и напади со нож – но, како што вели, институциите не презеле соодветни мерки.

Од Министерство за внатрешни работи потврдуваат дека постоеле пријави. Една од нив, поднесена во декември 2024 година, се однесува на загрозување на сигурноста со опасно орудие, додека друга, од април 2025 година, се однесува на изнуда. За двете биле поднесени и кривични пријави против осомниченото лице. Истовремено, постои и пријава во спротивна насока – при што другата страна пријавила закани, за што било известено обвинителството.

Во однос на последниот инцидент, од МВР информираат дека на 14 март било пријавено кривично дело „предизвикување општа опасност“ со палење на куќа во населбата Езерски лозја, која е во сопственост на сопругата на Мусаи. Случајот, како што велат, сè уште се расчистува.

Од Основно јавно обвинителство Струга потврдуваат дека во изминатиот период постапувале по неколку пријави поврзани со истиот случај, но нагласуваат дека не биле обезбедени доволно материјални докази за да се потврдат наводите. Во врска со пожарот, обвинителството веќе наложило активности за утврдување на причините и можните сторители, со напомена дека ќе постапат доколку се обезбедат докази.

Мусаи, пак, остро реагира на, како што вели, бавното и неефикасно постапување. Тој тврди дека случајот го пријавил и во Швајцарија, но таму му било посочено дека надлежноста е кај македонските институции.

Дополнително, според информации до кои дошле медиумите, постојат снимки од безбедносни камери на кои наводно се гледа лицето што ја пали куќата, како и возило со регистарски таблички. Сепак, тие материјали засега не се објавуваат бидејќи можат да бидат дел од доказна постапка.

Жртвата предупредува дека се чувствува небезбедно и стравува за својот живот, потенцирајќи дека со години нема конкретна разрешница, и покрај бројните пријави. Случајот повторно ја отвора дилемата – дали навремената реакција можела да спречи ваков исход.

SWM
Pharmanova
FixCredit
Escape
Mia Home Mavrovo