ПРВ.мк
Македонија

(ФОТО) ПОЛИЦИЈАТА СО АКЦИЈА НИЗ МАКЕДОНИЈА: ВОЗАЧИТЕ ПОТСЕТЕНИ НА ДВЕ ВАЖНИ ОБВРСКИ! Еве што треба да има секое возило во зима

(ФОТО) ПОЛИЦИЈАТА СО АКЦИЈА НИЗ МАКЕДОНИЈА: ВОЗАЧИТЕ ПОТСЕТЕНИ НА ДВЕ ВАЖНИ ОБВРСКИ! Еве што треба да има секое возило во зима

По повод Светскиот ден за сеќавање на жртвите од сообраќајни незгоди и почетокот на периодот во кој е задолжително поседувањето зимска опрема, полициски службеници во повеќе градови низ Македонија спроведоа превентивни активности со цел подигнување на свеста за безбедноста во сообраќајот.

Акциите биле реализирани на 15 ноември на подрачјата на Штип, Струмица и Тетово, во соработка со претставници на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП).

АПЕЛ ДО ВОЗАЧИТЕ: ЗИМСКАТА ОПРЕМА Е ЗАДОЛЖИТЕЛНА

На подрачјето на СВР Штип, полициски службеници од Отсекот за превенција, заедно со колегите од полициските станици за безбедност на патниот сообраќај и претставници на РСБСП, разговарале со возачите за потребата од подготовка на возилата за зимски услови.

Под мотото „Биди подготвен за безбедно патување во зима – користи зимска опрема“, на учесниците во сообраќајот им било укажано дека е важно брзината да се приспособи на условите на патот, да се користат соодветни пневматици и во возилата да има синџири за снег.

Од полицијата потсетуваат дека задолжителната зимска опрема мора да се поседува во периодот од 15 ноември 2026 до 15 март 2027 година, без оглед на моменталните временски услови.

ПОРАКА ЗА ПОГОЛЕМА ВНИМАТЕЛНОСТ И ПОМАЛКУ ЖРТВИ НА ПАТИШТАТА

Во Струмица, полициските службеници заедно со претставници на РСБСП го одбележале Светскиот ден за сеќавање на жртвите од сообраќајни незгоди преку активност под мотото „Стоп за смртта на патиштата – вози одговорно“.

На повеќе локации биле поделени едукативни летоци, а полицајците разговарале со возачите за обврската да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, особено ограничувањата на брзината.

Било посочено дека неприлагодената брзина е една од најчестите причини за сообраќајни незгоди, поради што возачите треба да бидат особено внимателни и да ја приспособат брзината на состојбата на патот.

ПРЕВЕНТИВНИ АКТИВНОСТИ И НА НАПЛАТНИТЕ СТАНИЦИ

Акција била спроведена и на наплатните станици Желино, Тетово и Гостивар. Полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Тетово, во соработка со колегите од полициските станици за безбедност на патниот сообраќај, ги потсетувале возачите на значењето на одговорното учество во сообраќајот и задолжителното користење зимска опрема.

На учесниците им биле поделени пригодни подароци и едукативни материјали подготвени од Министерството за внатрешни работи, РСБСП и Факултетот за безбедност во Скопје.

Од спроведените активности произлегува заедничката порака дека безбедноста на патиштата зависи од одговорноста на секој учесник во сообраќајот. Почитувањето на правилата, приспособувањето на брзината и навремената подготовка на возилата за зимски услови можат да помогнат во спречувањето на несреќи и спасувањето човечки животи.

Најнови вести