Македонија би можела да добие една од најмоќните гасни електрани во регионот, финансирана со капитал од Унгарија. Во националниот план за изградба на енергетски капацитети за 2026 година се појавува проект за когенеративна гасна централа со импресивен капацитет од 495 мегавати и проценета вредност од околу 445 милиони евра.
Станува збор за инвестиција што значително ќе ја надмине сегашната гасна централа ТЕ-ТО во Скопје, која досега важеше за најголем ваков објект во земјата. Новата централа е планирано да се гради во Вардарскиот регион и ќе комбинира гасна турбина од 340 мегавати и парна турбина од 155 мегавати.
Проектот формално се поврзува со компанијата „Статус Енерџи ДОО Скопје“, која сè уште не е регистрирана, но според неофицијални информации ќе биде формирана од унгарски партнер поврзан со швајцарската MET Group – енергетска корпорација со милијарден годишен обрт во Источна Европа. Самото вклучување во државниот енергетски план значи и обврска за доставување банкарски гаранции, што укажува на сериозноста на намерата.
MET Group веќе има присуство во Македонија преку „МЕТ Енерги“, компанија регистрирана кон крајот на 2024 година и лиценцирана за трговија со природен гас. Групацијата е активна на десетици европски пазари и важи за еден од клучните играчи во гасниот сектор во Централна и Источна Европа.
Доколку проектот се реализира, Македонија би добила стратешки енергетски објект со големо влијание врз домашното производство на електрична енергија.














