ПРВ.мк
Македонија

ДРАМА ВО МАКЕДОНИЈА: Полиција го блокираше теренот, дронови надлетуваат – се пребарува бунар во потрага по исчезнатата жена!

ДРАМА ВО МАКЕДОНИЈА: Полиција го блокираше теренот, дронови надлетуваат – се пребарува бунар во потрага по исчезнатата жена!

Засилено полициско присуство и интензивни активности денеска се одвиваат во селото Орел, во општина Свети Николе, каде вниманието е насочено кон пребарување на бунар во близина на викенд-куќи. Акцијата е дел од потрагата по исчезнатата Злата Јанкова, случај кој веќе подолго време ја држи јавноста во неизвесност.

Според информации од терен, полицијата користи и дронови за да ја прошири потрагата и да добие подобар увид во подрачјето. Активностите се одвиваат во близина на викенд-објектот на семејството, што дополнително ја зголемува загриженоста кај најблиските.

Сопругот на исчезнатата, Дејан Јанков, вели дека ситуацијата е напната, но дека и покрај големото присуство на полиција, никој официјално не го информира за тоа што точно се случува на терен.

„Има многу полиција, се проверува бунарот, се користат дронови, но јас немам никаква информација. Се сомневам дека повторно се трага по Злата“, изјавил тој, посочувајќи дека ова не е првпат истата локација да биде предмет на пребарување.

Имено, како што наведува, теренот бил проверуван и во претходниот период, но тогаш не биле пронајдени траги што би довеле до разрешување на случајот.

Злата Јанкова исчезнала на 16 јуни 2024 година, околу 15 часот, по што и се губи секоја трага. И покрај изминатото време, потрагата не е запрена, а случајот и натаму останува неразјаснет.

Во обид да привлече поголемо внимание и да изврши притисок врз институциите, нејзиниот сопруг претходно штрајкувал со глад цели 19 дена. Тој најавува дека е подготвен повторно да преземе ваков чекор доколку не добие конкретни информации за тоа што се случило со неговата сопруга.

Во меѓувреме, на социјалните мрежи постојано се споделуваат апели до граѓаните, со повик секоја информација што би можела да помогне да се пријави во Министерството за внатрешни работи, со надеж дека случајот конечно ќе добие разрешница.

Најнови вести