Во Велес и околните општини гласањето на локалните избори 2025 се одвива мирно и без инциденти, со различна излезност по општини.
Во Општина Велес, од вкупно 44.850 запишани гласачи, до 17 часот на гласање излегле 15.313 или 34,14 проценти. Од Општинската изборна комисија информираа дека целиот изборен процес поминал во фер и демократска атмосфера.
Во Општина Градско, каде што во избирачкиот список се запишани 3.038 гласачи, излезноста до 17 часот изнесува 47,50 проценти, додека во Општина Лозово на девет избирачки места гласале 1.162 граѓани од вкупно 1.783, што претставува високи 61,9 проценти.
Најголема излезност се бележи во Општина Чашка, каде што до 17 часот гласале 4.019 граѓани од вкупно 6.141 запишан гласач, односно 65,5 проценти.
Од сите општини во регионот известуваат дека изборите се одвиваат мирно, фер и без забележани инциденти.