Министерот за одбрана Владо Мисајловски денеска информира дека набавката на хеликоптерите од италијанскиот производител „Леонардо“ е во процес, а моментално се работи на отстранување на правни предизвици.
„Набавката е во тек, претходната влада ја потпиша таа набавка, но има многу правни предизвици. Во моментов е исплатена втората рата од 70 милиони евра. Секојдневно со адвокатска компанија работиме на отстранување на сите предизвици“, рече Мисајловски.
Тој посочи дека хеликоптерите ќе можат да дејствуваат на сите видови пожари и дека ќе бидат опремени со специјална опрема за таа намена.
„Набрзо очекуваме работна посета на Италија, каде ќе се запознаеме со направеното и транспарентно ќе ги објасниме деталите од постапката“, истакна министерот по поставувањето камен-темелник на спортската сала во Воената академија „Генерал Михајло Апостолски“.
Договорот за набавка на осум транспортни хеликоптери од „Леонардо“ за потребите на Армијата, вреден 249,5 милиони евра, беше потпишан од претходната влада во март лани.