ПРВ.мк
Македонија

ДИК со нова мерка: сите членови на избирачките одбори мора да бидат присутни при броењето на гласовите

ДИК со нова мерка: сите членови на избирачките одбори мора да бидат присутни при броењето на гласовите

Државната изборна комисија (ДИК) донесе одлука сите избирачки одбори вечерва, по завршувањето на гласањето, да бидат присутни во полн состав при броењето на гласовите. Тоа значи дека петте членови и нивните пет заменици мора да учествуваат во процесот на броење по 19 часот.

Како што изјави претседателот на ДИК, Борис Кондарко, оваа мерка е воведена со цел да се зголеми транспарентноста и ефикасноста на избирачките одбори, како и да се забрза составувањето на записниците и објавувањето на изборните резултати.

„Одлуката е донесена за да се овозможи поголема контрола и брзина во постапката на броење. Присуството на сите членови ќе придонесе за поголема доверба во процесот“, рече Кондарко.

Тој посочи дека ова е особено значајно за Градот Скопје, каде што гласачите во десетте општини добиваат по четири ливчиња, што го отежнува и забавува процесот на броење. Во останатите општини се гласа на две ливчиња — за градоначалник и за советници.

Кондарко додаде дека поради сложеноста на локалните избори, резултатите секогаш пристигнуваат нешто побавно, но со оваа нова мерка ДИК очекува процесот да биде поефикасен и потранспарентен.

Escape