ПРВ.мк
Македонија

Почина еден од сопствениците на Антена 5 радио

Почина еден од сопствениците на Антена 5 радио

На 65-годишна возраст, по кратко боледување, почина Коста Јаневски, филмски работник и еден од сопствениците и основачите на радио Антена 5.

Јаневски учествуваше во основањето, техничкиот развој и креирањето на програмата, а ја извршуваше функцијата Технички директор во Антена 5 од 1994 година. Тој работеше на техничката и програмска реализација на сите домашни и меѓународни музички и културни настани пренесувани на програмата на Антена 5, вклучувајќи ги Британските музички награди, Ем-Ти-Ви европските музички награди (MTV ЕМА), Зимската музичка конференција во Мајами, Викенд Медиа фестивалот, Егзит, Таксират, Интернационалниот фестивал на филмска камера “Браќа Манаки” и Д Фестивал во Дојран.

Пред основањето на Антена 5, тој беше дел од програмата Радио Микс на Радио УНО и проектот Радио Топ Листа на Македонија.

Дипломирал на Електротехничкиот факултет, а кариерата како филмски работник ја започна во осумдесетите години како монтажер на тон и тон снимател. Во 1985 година работеше како слободен филмски работник во Друштвото на филмски работници на Македонија, а од наредната година во продуцентската куќа “Вардар филм”. Учествуваше во реализација на многу домашни и странски филмски проекти, вклучувајќи ги “Македонска сага”, “Среќна Нова ‘49”, “Тетовирање” и други.

Беше член на Друштвото на филмски работници на Македонија и член на Здружението на тонски сниматели на Македонија.

Погребот ќе се одржи во вторник во 11:30 на Градските Гробишта Бутел во Скопје.

Escape